Author Topic: Вовед во електроника 10 - електронски цевки (бонус)  (Read 874 times)

Offline BorceBT

  • Топ Експерт
  • *****
  • Posts: 1824
  • Gender: Male
    • www.trajkovski.net
Иако од денешен аспект електронските цевки (лампи) се дамнешна и заборавена технологија сепак тоа се првите активни електронски компоненти со кои и самата гранка електроника добива смисла и почнала да се развива.

Како прво, што претставуваат електронските цевки. Електронските цевки се стаклени цевки од кои е испумпан воздухот (внатре е вакуум) и во нив се вметнати метални електроди меѓу кои поминуваат електроните т.е. тече струја. Ова се прави со цел да се манипулира (менува) течењето на струјата низ самата цевка со што и започнала целата наука електроника - манипулација со течењето на електроните.

Еве физички изглед на разни електронски цевки:



Електронските цевки се делат според тоа колку електроди содржат во нив, така да наједноставните електронски цевки со две електроди се викаат диоди (поимот диода прво се користел за опис на електронска цевка па останал ист и за полупроводничките диоди кои ги имаме денес бидејќи слично функционираат). Освен диода, електронска цевка со три електроди се вика триода, со четири тетрода, со пет пентода, со шест хексода и т.н.

Цевка диода

Шематскиот симбол за цевката диода е следен:



Електронската цевка диода е составена од две електроди. Едната (позитивната) се вика Анода а негативната се вика Катода. На симболот, горната електрода е анода а таа лево е катода. Овие електроди се од различен тип на метал кој има својство електроните да ги пропушта само од катодата кон анодата што значи дека струја може да тече само доколку анодата се наоѓа на повисок потенцијал (плус) од катодата (минус) и работи слично како полупроводничките диоди.

Веднаш се забележува на шематскиот симбол дека на долната страна има дополнителни два изводи. Тие два изводи се главниот проблем зошто електронските цевки заминаа во историјата. Имено, за електронската цевка да работи, едната од електродите (катодата) треба да биде загреана на многу висока температура (до усвитување) и затоа секоја електронска цевка содржи волфрамово жарно влакно за греење кое е вметнато во катодата (или самото тоа е катода) за да ја држи загреано на висока температура. Ова греење троши значителна енергија и затоа електронските цевки беа непрактични за правење на преносни уреди на батерии.

Цевка триода

Шематскиот симбол за цевката триода е следен:



Електронската цевка диода беше навистина новитет со нејзината карактеристика да ја пропушта струјата (електроните) само во една насока но сепак таа имаше ограничена примена и се користеше само како исправувач за наизменична струја и како детектор во раните радио предаватели и приемници со искричари. Вистинска револуција и почетокот на електрониката се случи кога еден научник на почетокот на 20-тиот век експериментирајќи со цевката диода пробал да стави уште една електрода во облик на решетка помеѓу анодата и катодата со цел да види што ќе се случи со текот на електроните. Дошол до феноменално откритие дека со промена на напонот на решетката линеарно се менува текот на електроните помеѓу катодата и анодата (се менува струјата) и со тоа успеал да ја направи првата електронска цевка која може да засилува - триодата.

Цевки тетрода, пентода, хексода

Со додавање на повеќе решетки помеѓу катодата и анодата се добиле и цевките тетрода, пентода, хексода и т.н. а овие цевки работат слично како триодата со што имаме повеќе влезови од кои некои се користат за давање на преднапон (bias) на цевката за да засилува повеќе или полинеарно и/или се користат два или повеќе сигнали на влез од кои зависи излезната струја (засилување), повратни врски и т.н.

Изводи, подножјa и внатрешни врски

Секоја електронска цевка на едниот нејзин крај има метални изводи (пинови). Има неколку типови на подножја на кои се монтира електронската цевка бидејќи е скоро невозможно да се леми на нејзините изводи и може цевката да пукне од висока температура ако се проба да се леми. Секоја цевка има различен распоред на електродите на пиновите и затоа најчесто кој извод е што се знае од datasheet-от за одредената цевка. Еве на следнава слика како изгледа подножјето и распоредот на електродите на електронската цевка EL84:



Со "h" се означени изводите за греењето на цевката, со "а" анодата, со "k" катодата, со "g" решетките а со "IC" изводите кои не се користат и се внатрешни држачи на електродите.

Практична примена

Греење на цевките

Погоре напомнавме дека за електронските цевки е потребно греење. Греењето е стандардизирано скоро на сите цевки и тоа на два начини, напонски и струјно. Значи постојат електронски цевки кај кои греењето е на точно 6.3V и електронски цевки кај кои греењето е точно 300mA. Едните се користат кај уреди со трансформатор (најчесто радија) а другите кај уреди без мрежен трансформатор (телевизори) каде сите греења на електронските цевки се поврзани во серија и приклучени директно на мрежа од 230V. Најчесто првата буква на цевките кои се греат со 6.3V е "Е" како на пример кај цевката EL84 а првата буква на цевките кои се греат со 300mA (напонот може да варира) е "P" како на пример кај цевката PL36.

Напојување на цевките

Никаде не беше спомнато но електронските цевки побаруваат релативно висок напон за да работат. Најчесто на анодата на електронските цевки се става неколку стотини волти за да може да течат значителен број на електрони и со тоа цевката да има значително засилување. Тоа не значи дека електронските цевки неможат да работат и на 12V но струите низ нив ќе бидат толку мали да неможат да се искористат како излезни засилувачи.

Преднапон на решетката

Бидејќи триодата е во суштина диода со решетка, со ставање на решетката на маса (на нулти потенцијал) добиваме само диода и низ неа тече значителна струја. Затоа решетката мора да биде на малку понегативен потенцијал (напон) од катодата за струјата да се намали до ниво да може да се искористи цел динамички опсег на работа на електронската цевка. Ова не значи дека ние неможеме да ја користиме триодата само со носење на позитивен сигнал на решетката но за подобра искористенот, моќност и поголема линеарност (квалитет) на засилувањето решетката треба да има некој негативен преднапон кој најчесто е неколку волти.

Пример за едноставен и евтин засилувач со електронска цевка има на следната тема:

http://elektronika-mk.net/index.php?topic=32.0
« Last Edit: 31.10.2014, Friday, 22:33:11 by BorceBT »
Никогаш неможеш да знаеш се, но секогаш можеш да знаеш повеќе.