Author Topic: Вовед во електроника 3 - активни електронски компоненти (диоди)  (Read 4391 times)

Offline BorceBT

  • Топ Експерт
  • *****
  • Posts: 1824
  • Gender: Male
    • www.trajkovski.net
Диодите се првите измислени активни електронски компоненти.
Просто кажано, целта на диодата е да пропушта струја во едната насока а да не пропушта во другата. Што тоа значи практично. Диодата има два изводи, позитивен крај (наречен анода) и негативен крај (наречен катода). Значи, доколку (на пример) поврземе батерија, + полот на анодата и - полот на катодата на диодата ќе тече струја низ диодата (слично на кратка врска) а доколку ја поврземе обратно (+ полот на катода и - полот на анода) струја нема да тече (слично на отворено - исклучено коло).
Ова можеби на прв поглед звучи неупотребливо но работи како исправување на струјата од наизменична во еднонасочна, блокирање на инверзни напони и спречување на течење на несакани струи, се може да се постигне со овој ефект кој го има диодата. Да не заборавиме и дека напредокот кој доведе до измислување на диодата потоа доведе до откривање на транзисторот.

Шематскиот симбол за диодата (обичната диода) е следен:



Изгледот на вистинска диода и споредба со шематскиот симбол е следен:



Слики на повеќе видови на диоди, разни големини и куќишта:



Диодата се карактеризира со максималниот напон што може да го издржи додека е обратно поврзана (инверзен напон) и постојат диоди со максимален инверзен напон од 20-30 волти, па до 1000 волти и такви кои се користат во микробрановите печки и се до 5.000 или 10.000 волти.

Со почетокот на серијалот теми за активните електронски компоненти ќе се сретнеме со поимот идеална компонента и реална компонента.

Идеална диода би била таа диода што во една насока би ја пропуштала цела струја а во друга насока не би пропуштила воопшто струја.

Реалната диода меѓутоа не е баш таква. Кога пропушта струја на неа паѓа одреден напон (се однесува како динамички отпорник) и има константен пад на напон, скоро независно од струјата од 0.6 до 0.8 волти. Исто така ако ја поврземе обратно (инверзно) сепак тече некоја мала струја (нано или микро ампери) кои во некои уреди можат да сметаат.

Типови на диоди

Значи како и кај другите електронски компоненти и кај диодите имаме различни типови на диоди. Да видеме кои се најпознати и начинот на нивна работа (ефектите).

Зенер диода

Зенер диодата е диода која доколку се поврзе нормално (+ на анода и - на катода) работи како обична диода но доколку се поврзе обратно (- на анода и + на катода) има ефект да на одреден напон почне да пропушта струја (да проведува). Тој напон се вика зенеров напон и можат да се купат такви диоди со различни напони од 2 волти па се до 200 волти. Да се напомене дека вакво проведување има и кај обичните диоди ако им го прекорачиме максималниот дозволен инверзен напон но кај зенер диодите точката на проведување е фабрички точно одредена.
Се користат се разбира за добивање на стабилни напони (во стабилизирани извори на напојување) или за заштита од преголеми напони (да не дозволат напонот на порасне над нивниот зенеров напон во уредот кој го штитат).

Шематскиот симбол е следен:



Варикап диода

Варикап диодата е диода која го менува својот капацитет (се однесува како мал променлив кондензатор) во зависност од големината на инверзниот напон кој се носи на неа. Се користат во радио уреди и тв уреди за автоматско (напонско) менување на станиците и каналите. Да се напомене дека секоја (и обичните) диоди имаат мал капацитет (се однесуваат како мал кондензатор) од 1 до 2pF (пико фаради) но кај варикап диодите овој ефект е намерно направен да е поизразен и постојат варикап диоди од 2pF па се до 200pF.

Шематскиот симбол е следен:



Шотки диода

Шотки диодата е многу слична со обичната диода во својата работа но има две разлики. Првата е што е побрза од обичната диода и може да се користи во уреди кои имаат повисока фрекфенција во работењето (радио, тв уреди и импулсни - дигитални извори на напојување, квалитетни напонски исправувачи) а исто така има и помал пад на напон кога проведува струја од 0.2 до 0.5 волти (поблиску е до идеална диода).

Шематскиот симбол е следен:



Тунел диода

Тунел диодата е слична со зенер диодата, значи почнува да проведува на одреден напон но откако ќе проведе напонот на неа паѓа на многу понизок напон (тунел ефект). Ова најчесто се користи во уреди кои на одреден напон треба да вклучат нешто и да остане вклучено додека не падне напонот на ниско ниво.

Шематскиот симбол е следен:



ЛЕД диода

ЛЕД диодата е тип на диода која кога е правилно поларизирана и низ неа тече струја нејзиниот кристал дава светлина. Тие се изработуваат во сите бои, форми и големини.

Шематскиот симбол е следен:



ЛЕД диоди во разни изведби:



Фото диоди:

Фото диоди се всушност диоди кои се направени од провидно куќиште и кој кога на нив ќе падне светлина на нивниот PN спој на нив се создава мал напон (миливолти) кој линеарно зависи од интензитетот на светлото и може да се користи во уреди кои мерат интензитет на светлост.

Фото диоди во разни изведби:



Останати типови на диоди:

Пин диоди - слични како обичните диоди но многу побрзи;
Импат диоди - диоди кои се користат во осцилатори за микробранови линкови од 3 до 100GHz;
Ган диоди - диоди кои се користат за изработка на осцилатори од 10 до 200GHz (некои модели и до 3THz);
Шокли диоди - во суштина слични со дијак (тиристор без гејт);
Сик диоди - високонапонски диоди (напон на пробивање и до 100KV);
Полимер диоди - корисни како органски ЛЕД диоди за дисплеи (ОЛЕД).
« Last Edit: 16.10.2014, Thursday, 16:28:58 by BorceBT »
Никогаш неможеш да знаеш се, но секогаш можеш да знаеш повеќе.