Author Topic: Вовед во електроника 6 - активни електронски компоненти (интегрирани кола)  (Read 3870 times)

Offline BorceBT

  • Топ Експерт
  • *****
  • Posts: 1824
  • Gender: Male
    • www.trajkovski.net
Интегрираните кола се всушност минијатуризирани електронски кола составени од основните електронски компоненти: транзистори, диоди, отпорници, кондензатори и слично, ставени во едно куќиште. Интегрираните кола најчесто се направени да имаат една единствена функција или повеќе функции во едно коло. Ги има во различни изведби, големини и куќишта (дури постојат и „голи“ интегрирани кола со изглед како капка пластика на плочка).

Еве неколку слики од различни типови на интегрирани кола:



Основната груба поделба на интегрираните кола е: аналогни интегрирани кола и дигитални интегрирани кола.

Аналогни интегрирани кола

Аналогните интегрирани кола уште се наречени и линеарни интегрирани кола. Се делат на три групи: Операциони засилувачи, засилувачи на моќ и кола за специјална намена.

  • Операциони засилувачи

Операционите засилувачи се напонски засилувачи со два влеза (нормален и инвертирачки) и еден излез. Имаат многу големо засилување и најчесто се користат како предзасилувачи.

Шематскиот симбол за операционите засилувачи е следен:



Најчесто се изведени во DIL куќишта и изгледаат вака:



Повеќе за функцијата и употребата на операционите засилувачи можете да прочитате во следнава тема:

http://elektronika-mk.net/index.php?topic=1097.0

  • Засилувачи на моќ

Засилувачите на моќ најчесто се употребуваат како засилувачи за аудио сигнали. Ги има во различни изведби и куќишта и со различни моќности од 0.1W па се до 400W. Имаат различни шематски симболи во зависност од типот на интегрираното коло, некои се обележуваат и како операциони засилувачи а некои како „коцка“ со изводи како на следниве шеми:



Изгледот им варира во зависност од моќта и вградените функции:



  • Кола за специјална намена

Аналогните интегрирани кола за специјална намена се посебно дизајнирани кола за некоја посебна намена како на пример осцилатори, приемници, филтри, кола за декодирање на бојата во ТВ приемниците, кола за заштита и друго. Во оваа група спаѓаат исто и колата за регулација и стабилизација на напоните за напојување. Шематски се претставуваат како квадратче со изводи (и број на секој извод) а физички ги има во сите форми и големини.

Дигитални интегрирани кола

Дигиталните интегрирани кола се употребуваат во дигитални и дигитално/аналогни (хибридни) уреди и се делат на три групи: логички кола, микропроцесори (микроконтролери) и мемории.

  • Логички кола

Логичките кола се основни блокови за градба во дигиталната електроника. Најчесто интегрираните кола кои содржат логички кола во себе содржат по 2, 4 или 8 вакви кола за поефективна употреба на просторот. Овие кола во шемите најчесто се претставени разделени (секое логичко коло е претставено засебно во шемата) но во пракса тие можат да се наоѓаат во едно интегрирано коло.

Повеќе за функцијата и употребата на логичките кола и интегрираните кола кои содржат во себе логички кола можете да прочитате во следнава тема:

http://elektronika-mk.net/index.php?topic=1413.0

  • Микропроцесори (микроконтролери)

Микропроцесорите се дигитални интегрирани кола кои можат да извршуваат некоја претходно за нив напишана програма. Во суштина сите микропроцесори се составени од илјадници (или милиони) логички кола кој заедно прават една целина која може автоматски да работи по дадена програма која се наоѓа во меморија.

Микроконтролерите се дигитални или дигитално/аналогни (хибридни) кола кои содржат во себе микропроцесор, меморија и некои други периферни влезно/излезни кола како на пример А/Д (аналогно-дигитални) конвертори, компаратори (споредувачи на напон) и друго. Ова значи дека микропроцесорите за да можат да работат мора да има „матична плоча“ на која има меморија и периферни уреди, додека микроконтролерите можат да работат независно (компјутер во чип).

Овие два типа на кола можат да бидат изработени во стандардни куќишта доколку се работи за помали и поедноставни но најчесто се изработуваат во специјални куќишта со многу изводи и метални делови за поедноставно ладење.

Повеќе за функцијата и употребата на микроконтролерите можете да прочитате во следнава тема:

http://elektronika-mk.net/index.php?topic=1434.msg9979#msg9979

  • Мемории

Мемориите се всушност интегрирани кола кои во себе содржат збир на логички кола кои имаат својство за ја „паметат“ состојбата во која биле (вклучен или исклучен). Овие кола се од огромно значење во изработката на компјутерски системи. Постојат неколку типови на мемориски кола од кои едните трајно ја зачувуваат состојбата (ROM меморија) додека другите ја чуваат состојбата се додека колото е под напон (RAM меморија). Исто така овде има дополнителна поделба, на пример доколку ROM меморијата може да се впише еднаш се вика PROM, повеќе пати - EPROM. RAM меморијата се дели на SRAM - меморија која трајно ги чува состојбите се додека има напон и DRAM - меморија која мора одвреме навреме да се рефрешира за да ги чува состојбите. Нема посебно да се задржуваме на начинот на работа и употребата на овие кола бидејќи овие кола освен што може да се најдат во форма на стандардно интегрирано коло најчесто се вградуваат во микроконтролерите или се изработуваат на засебни плочки за вградување.

Најчесто се изведени во SMD куќишта и изгледаат вака:

« Last Edit: 16.10.2014, Thursday, 17:27:09 by BorceBT »
Никогаш неможеш да знаеш се, но секогаш можеш да знаеш повеќе.